Ликовно -книжевна колонија„ Преку култура до пријателство“

Сара Стојановска и Сандра Стојановска се ученички од 9-4 одд. кои поради својот сестран уметнички талент, по покана на кумановската поетеса Јаготка Томовска, од 27- 29 септември, учествуваа на 4 Меѓународен литературен фестивал во Глобовац, Црна Гора. Нашите ученички имаа можност да се дружат со поети и уметници од Црна Гора, Србија, Хрватска, Италија и Македонија. Рецитираа свои лични творби, твореа, сликаа на платно, се дружеа со деца поети и уметници, но и се прошетаа во Подгорица и на Острог. Оваа ликовно -книжевна колонија оваа година се организираше под мотото „Преку култура до пријателство“, а главен организатор е Здружение на уметници „Визија“. Нашите ученички достојно го претставија нашето училиште, град и Држава и се поканите во мај да учествуваат на Литературен фестивал во Калабрија, Италија. Голема благодарност до поетесата Јаготка Томовска, која никогаш не не заборава и до родителите на нашите ученички за укажаната доверба!

Проект „Општествено корисна работа“

Од Меморандум за соработка со Општина Куманово, преку проектот Општествено корисна работа,  на 3 октомври го добивме и петтиот асистент во нашето училиште. Образовните асистенти се задолжени за работа и придружба на учениците со ПОП за време на престојот во училиштето. Благодарност до тимот на Општина Куманово и МОН!

„Безбедност во сообраќај“

„Безбедни училишта“ е проект кој и оваа година продолжува во соработка со Сектор за безбедност при СВР Куманово. Првата активност веќе започна со реализација. Со предавање на тема „Безбедност во сообраќај“ инспекторите ги запознаа учениците од 2 и 3 одделение со правилата кои треба да ги почитуваат како учесници во сообраќајот. Кому да се обратат кога имаат проблем, која е разликата меѓу полицаец и сообраќаец, како да влегуваат и излегуваат од автобус, како да минуваат улица, кога можат да возат велосипед на пат, кога можат да се возат на предно седиште во автомобил и на слични прашања учениците добија одговори, но даваа и своите предлози. Корисно предавање за безбедност на нашите ученици!

Донација од „Битолска млекара“ по повод Детска недела

Добредојде на нашите првачиња во Детската светска организација по повод Детската недела им приреди и „Битолска млекара“! Чоколадно млекце за да пораснат, распоред на часови за да се почувствуваат одговорни, налепници и друг школски прибор беа само дел од подароците кои понеделнички директорката Лидија Пешевска им ги подели на најмалите ученичиња! Да сте здрави, успешни и весели наши најмали ученици и нека ви е честит приемот во Детската организација!

Ученичка заедница

На 27.9.2018г во училишната медијатека се одржа првиот состанок на Ученичка заедница. Состанокот беше организиран и воден од педагогот Сашка Стаменковска и на истиот на демократски начин беше избрано раководството на Ученичката заедница. Кандидатите прво се претставија и им објаснија на членовите на ученичката заедница зошто треба токму нив да ги изберат за претседатели. Со тајно гласање, секој член на ученичка заедница го даде својот глас за машки и женски кандидат од предложените. За претседател беше изберен Давид Додевски од 9-1 одд., за потпретседател Мелани Кузмановска од 8-3 одд., а за член Мила Јовановска од 8-5 одд. Колективот на ООУ „Кочо Рацин“ Куманово им посакува среќна, плодна и успешна работа на новото раководство на Ученичката заедница!