Лична карта на училиштето
Основното училиште “Кочо Рацин“ – Куманово e основано како прво училиште на македонски јазик во слободно Куманово, во јануари 1945 година, под име Народно основно школо „Св. Климент Охридски“. Истото било лоцирано во зградата на денешното ОУ„Крсте Мисирков“, за да во учебната 1956/57 година се премести во зградата на гимназијата „Гоце Делчев“. Во учебната 1976/77 година кон училиштето се припојуваат и подрачните четиригодишни училишта во с.Доброшане и с.Биљановце. Во учебната 1983/84 училиштето добива нова модерна училишна зграда во населбата „Гоце Делчев“ и го менува реонот. Во учебната 2004/05 година се припојува и основното осумгодишно училиште „Кирил и Методиј“ од село Орашац, со подрачните четиригодишни училишта во селата: Скачковце, Габреш, Кучкарево и Градиште. Со тоа наставата се одвива во едно централно деветгодишно, едно подрачно деветгодишно и шест петгодишни подрачни училишта.
Реонот што го опфаќа училиштето е најголем во општината. Во одделенска настава Централното училиште “Кочо Рацин“ опфаќа ученици од населбите: “Гоце Делчев”, “Зелен Рид”, “Јане Сандански” и с. Проевци, додека во предметната настава на учениците од овие реони им се приклучуваат и ученици од с. Доброшане и с. Биљановци.
Населбата „Гоце Делчев“ е релативно нова, современа, со развиена инфраструктура. Во непосредна околина на училиштето се наоѓа детска градинка, во која што престојуваат голем број ученици од одделенска настава во дневен престој; амбуланта, пошта, трговски центар, неколку училишта за странски јазици. Во близина е и спортската сала, неодамна изградениот кеј со спортско – рекреативни терени, како и Кумановска Бања, црквата „Св. Мина“; новата индустриска зона со повеќе разновидни производствени погони во населбата Доброшане. Овој реон е населен со претежно помлада популација, за што говори и бројот на ученици.
Во ПУ с. Орашац во предметна настава се опфатени и ученици од селата: Скачковце, Габреш, Кучкарево, Градиште, Кокошиње, К′шање и Колицко. Овој реон има релативно добра инфраструктура, населените места се поврзани со регионалниот пат за Свети Николе. Поради изразените миграциони движења бројот на жителите постојано се намалува, а старосната граница расте. Како резултат на ова е и малиот број на ученици по паралелки. Населението претежно се занимава со земјоделство, а дел од родителите се сезонски или постојано вработени во земјоделските стопанства во реонот. Еден дел од учениците потекнуваат од семејства кои се корисници на социјална помош.