ПОУ ,,Кочо Рацин” с.Орашец – НЕКОГАШ И ДЕНЕС

Некогашното ОУ ,,Кирил и Методија” с. Орашец датира од 1965 година како самостојно училиште.  Од 2003 година станува подрачно училиште на ООУ ,,Кочо Рацин”-Куманово. Со основањето на училиштето во 1965 година раководел првиот директор Среќко Попов.

Првобитно училиштето располагало со околу 700 ученици кои биле распоредени од прво до осмо одделение. Од  1976 година наставата се изведувала со по една  паралелка од прво до четврто одделение и по две паралелки во предметна настава од петто до осмо одделение, во предпладневна и попладневна смена. Потоа постепено се забележува намалување на бројот на учениците поради расселување на младото население како резултат на миграција село-град и барање подобри услови за живот.

До 1987 година кон ова училиште гравитирале ученици од околните села како што се: Скачковце, Колицко, Живиње, Габреш, Шупли Камен, и село Добрашане. Во 1987 година со укинувањето на училиштето ОУ ,,Ванчо Миланов,, во с. Кшење се префрлени и учениците од селата: Кшење, Кокошиње, Павлешенце, Пезово, Кутлибек, Градиште, Кучкарево, Косматац и село Мургаш.

Во училиштето наставата ја изведувале вкупно 18  наставници, педагошка служба која функционирала од 1990 година, секретар и директор. Наставата се изведувала во вкупно 12 училници, а имало и кабинетска настава по хемија, физика и биологија. Освен училници, училиштето располагало со сала за спортски активности, библиотека и кујна  која била во употреба  сè до 1979 година. Редовната настава била збогатена со воннаставни активности реализирани од секции: пчеларска секција, фото секција, радио секција, играорна секција, спортски секции и останатите предметни секции.

Во рамките на овие активности се издвојувала и Училишна задруга со бројни активности за одгледување на земјоделски производи, а од добиените средства се  реализирале екскурзии за учениците.

Од 2003 година ОУ ,,Кирил и Методија” с. Орашец е припоено како подрачно училиште кон централното ООУ ,,Кочо Рацин” -Куманово и како такво функционира до ден денес.

Денеска бројот на паралеките е значително намален во подрачното училиште поради мал број на ученици, одделенска настава се одвива во  две комбинирани паралелки, а предметна настава со по една паралелка од шесто до деветто оделение. Бројот на учениците  е околу 50, кои освен од село Орашец   доаѓаат со организиран превоз од  селата: Скачковце, Габреш, Колицко, Кучкарево, Градиште и село Кшење. Наставата се изведува само во предпладневната смена бидејќи има доволен број на училници за  сите паралелки.

Наставата ја изведуваат вкупно 2 наставника во одделенска настава и  15  наставници во предметна настава. Училиштето располага со еден психолог, а за хигиената се задолжени двајца хигиеничари. Кабинетска настава се изведува по англиски јазик и информатика, а Училиштето располага со богат фонд на книги и лектири, бидејќи и понатаму е во употреба училишната библиотека која ја раководи наставничката по македонски јазик.

Во 2013 година во склоп на училишниот двор е изградено ново спортско игралиште, кое учениците го користат за време на спортските активности по физичко и здравствено образование.

Покрај редовна настава во училиштето се реализираат и воннаставни активности преку секции по предметите. Учениците од подрачното училиште се вклучени во сите проекти кои се реализираат од страна на  централното училиште.

Како приоритетно прашање кое сите вработени  ги мачи веќе долги години, останува реновирање на фасадата и замена на прозорците на училиштето.

Работиме понатаму под мотото ,,СЕКОГАШ ЗАЕДНО И СЛОЖНО”