Посета на културно-историски знаменитости во Скопје
На ден 18.03.2016 год. (петок) беше реализирана заедничка мултикултурна активност каде беа посетени четири културно-историски знаменитости во Скопје. При посетата учествуваа наставници по историја, родители и ученици кои претходно беа според полот и возраста еднакво избалансирани од двете партнер училишта ООУ Кочо Рацин и ООУ Наим Фрашери. Во 08.00 часот се тргна од училиштето ООУ Кочо Рацин , каде попатно се земаа и учениците од ООУ Наим Фрашери. Во 09,15 часот се пристигна во Скопје каде беше закажана посетата на Мустафа пашина џамија, во која кустосот не запозна со нејзината историја и со обичаите на муслиманската религија. Посета на црквата Св. Спас беше рализирана во 10,30 часот, сите беа задоволни од убавината на овој прекрасен христијански храм во кој се наоѓа и гробот на револуционерот Гоце Делчев. Спуштајќи се преку Старата скопска чаршија пристигнавме на Камениот мост за чија историја и значење ни раскажаа повеќе наставниците по историја. Посета на Спомен куќата Мајка Тереза се случи во 12,00 часот. Учениците се запознаа со ликот и делата на Мајка Тереза. На пат за Куманово се тргна во 13,30 часот каде пред своите училишта пристигнаа во 14,30 часот. За сето време учениците другаруваа, разменуваа мислења и се запознаа себеси што воедно беше и целта на оваа екскурзија. Дознаа за својата и за другите религии при посета на верските објекти, како и за историјата на едни од најзначајните културно историски знаменитости на главниот град Скопје.